Крилото на Реал Мадрид, Родриго, не е задоволен од улогата која ја има во тимот, во клубот не се задоволни од неговите игри, па реално е тој летово да биде продаден за добра цена, и тие пари да бидат искористени за дополнителни засилувања.
Но, ако досега се спомнуваше можен трансфер на Родриго само некаде во Премиер лигата, а најмногу го посакуваат во Арсенал, сега се појави нов потенцијален купувач, и тоа клуб кој не прашува за цена, прашањето е само дали Родриго ќе сака да ја напушти Европа и да им се придружи.
Станува збор за саудискиот Ал-Наср. Ал Наср сака да го потпише Родриго и според „Скај Спортс“, веќе стапиле во контакт со агентите на играчот на Реал. Кристијано Роналдо кој му е идол на Бразилецот, го поддржал неговото потпишување.
Сепак, неофицијално, крилниот напаѓач ја става Премиер лигата на прво место и засега нема намера да се пресели во Саудиска Арабија. Но, Ал-Наср внимателно ќе ја следи ситуацијата и му нуди огромна плата доколку Родриго конечно одлучи да потпише со нив.
Родриго дојде во Мадрид во 2018 година, кога имаше 18 години, за трансфер од Сантос вреден 45 милиони евра. Оттогаш, неговата пазарна вредност се дуплираше, иако неговите перформанси значително се намалија во последните месеци.
Родриго на првиот меч на Светското клупско првенство беше стартер, но постепено ја изгуби позицијата до тој степен што дури и не доби ниедна минута на двата наредни натпревари со Пачука и Јувентус. Против Салцбург одигра нешто повеќе од 20 минути.
Реал сезоннава веројатно ќе игра со само двајца напаѓачи, на СКП најчесто тоа беа Винисиус и разиграниот млад Шпанец Гонзало Гарсија, а по враќањето на Мбапе се усложнува задачата на Родриго во намерата да биде стартер.