Давид Алаба ќе потпише договор со Реал Мадрид веќе во мај, и тоа за фантастична плата од 12 милиони евра нето, а само еден месец подоцна ќе биде еден од адутите на Австрија на историскиот меч за нас на 13 јуни на Европското првенство.
Алаба е пред крај на договорот со Баерн Минхен и веќе е договорен со Кралскиот клуб, а објавена е и годишната плата, која е одлична.
Во професионалната кариера еден од најдобрите дефанзивци на планетата има играно само за два клуба, за Баерн и за Хофанхејм, во кој беше позајмен играч во 2011 година. Сè останато му е поврзано со најтрофејниот германски клуб Баерн, каде што пристигна на 16-годишна возраст во младинската академија.
Алаба е универзален играч, може да игра и како бек и стопер и последен играч за врска, а против Македонија на 13 јуни треба да го одигра 80-тиот меч за австриската репрезентација.
Тоа ќе биде и премиера за двете селекции на ЕП, а ќе се игра на националната арена во Букурешт од 18 часот.