Ливерпул го има најдобриот старт во англиското првенство во последните 30 години. По пет одиграни меча, тимот од „Енфилд Роуд“ има максимални 15 бодови, колку што има и Челзи. На вчерашното дерби против Тотенхем, Ливерпул се радуваше во Лондон на победа од 2:1.
Вијналдум и Фирмино беа стрелци на погодоците вредни три бода. Сепак, наместо да се зборува за одличната игра и победите кои ги редат „црвените“, навивачите на Ливерпул забележаа дека нешто не е во ред во екипата. Фокусот е ставен на двајцата најдобри играчи, напаѓачите Мохамед Салах и Садио Мане.
На мечот против Тотенхем забележливо беше како во неколку ситуации, двајцата напаѓачи едноставно како да не сакаат да соработуваат заедно. Класичен пример за тоа е една контра која ја имаа гостите, кога Мане на десната страна го имаше слободниот Салах, но наместо да му ја додаде топката, се реши да го проигра Кеита на левата страна, кој беше во полоша позиција.
Подоцна Салах како да сакаше да му се реваншира на Мане, па неколку пати го ингорираше, додека тренерот на Ливерпул, Лирген Клоп се нервираше на клупата.
Очигледните недоразбирања меѓу Салах и Мане засега нема негативен ефект во резултатите на Ливерпул, но прашање е до кога ќе биде така, доколку не се смират двајцата напаѓачи кои треба да соработуваат пред противничките голови.