Бомбастични вести стигнаа денес од Италија, Марсело побарал да биде продаден на Јувентус, и тоа во зимскиот преоден рок. Италијанскиот медиум „Тутоспорт“ тврди дека Бразилецот им соопштил на челниците на мадридскиот гигант дека сака да се пресели во Торино за да може повторно да игра со Кристијано Роналдо.
Марсело имаше можност да го следи Роналдо и во текот на летото, сепак, тој остана во Реал, но откако „кралевите“ паднаа во криза, бразилскиот лев бек одлучил дека е доста и сака да ја смени средината.
Јувентус веќе направил план како да го доведе Марсело. Прво ќе треба да го продадат Алекс Сандро, кој не сака да ја продолжи соработката со клубот и најверојатно ќе се пресели во Премиер лигата, додека за искусниот бек на „кралевите“ ќе издвојат сума околу 50 милиони евра.
Mарсело пристигна во Реал во 2007 година и одигра вкупно 460 натпревари за Реал, а тогашниот претседател на клубот, Рамос Калдерон, го назначи како наследник на Роберто Карлос. И не само што достојно го замени својот сонародник, туку го запиша своето име со златни букви во клупската историја.