На фудбалски план и Косово и Албанија имаа добри резултати во последно време и се во борба за пласман на Светското првенство во 2026 година. Двете селекции се обидуваат да ги засилат редовите со квалитетни играчи, а овојпат водеа „војна“ за младата ѕвезда на Баерн Минхен, Јил Гаши.
Иако по потекло е од Косово, 17-годишниот напаѓач на Баерн Минхен реши во иднина да ги брани боите на селекцијата на Албанија. На Косово не му помогна и фактот дека дури и селекторот Франко Фода лично се заложи за доведување на Гаши, дури вети дека тинејџерот во многу скоро време ќе добие повик и за А селекцијата.
Од друга страна, сè беше завршено од претседателот на Фудбалската федерација на Албанија, Арманд Дука. Тој разговараше со семејството Гаши и од Минхен се врати дома со добри вести. Постигнат е договор и се очекува ФИФА многу наскоро да го одобри неговото доаѓање под албанското знаме.
Јил Гаши ја започна својата кариера во Херта. Тој е член на Баерн од 2022 година и се истакна во младинскиот тим. Овој талентиран напаѓач играше во младинските селекции на Германија, но сега сепак одлучи да игра за Албанија.
Овој талентиран фудбалер често го нарекуваат и „машина за голови“. Актуелниот договор со Баерн му е до крајот на оваа сезона, но многу веројатно е дека германскиот гигант ќе му понуди продолжување на соработката.

