Фудбалската федерација на Албанија ќе треба да плати парични казни во висина од вкупно 171.375 евра, за прекршоците на своите фанови за време на Европското првенство во фудбал.
На ЕП во Германија, Албанија на три меча освои еден бод, а после секој од трите меча добиваше казни од Етичко-дисциплинската комисија на УЕФА. Казните беа за палење пиротехнички средства, фрлање предмети на терен, влегување на навивачи во терен, и за истакнување провокативни, недолични, политички и етнички пораки на кои не им е местото на спортските борилишта.
Како одминуваше времето, албанските навивачи стануваа понедисциплинирани. За првиот меч со Италија, казната беше 37.375 евра, за мечот со Хрватска беа казнети со 47.500 евра, а после дуелот со Шпанија, казната за Албанија беше 86.500 евра.
Освен поради навивачите, Албанија беше казнета и за недоличното однесување на фудбалерот Мирлинд Даку кој ја навредуваше Македонија, па доби суспензија од два натпревари.