Како се доближува времето за одигрување на мечот меѓу Србија и Албанија, така и атмосферата станува пожешка. Овие две селекции пред 11 години играа во Белград, а тогаш мечот не го дочека крајот поради инцидентот што се случи на стадионот на Партизан, а Албанија доби службена победа од 3:0.
Затоа, сега мечот на кој Србија е домаќин ќе се игра во Лесковац, а домаќините објавија дека нема да има карти во слободна продажба.
Некогашниот албански голман Оргеш Шехи, кој беше резерва на дуелот од пред 11 години во Белград, а сега е тренер во Балкани на Косово, вели дека токму фактот што се игра на помал терен во Лесковац, може да е предност за гостите.
„Сите знаеме дека овој меч има и емоционален набој, не само од фудбалски аспект. Иако делува дека помалиот стадион им оди во прилог на нив, мислам дека тоа е нашата шанса. Тоа го велам затоа што атмосферата која се создава не е иста кога на трибините има 25.000 гледачи или само 6.000. Не знам како е кај нив ситуација од психолошки аспект, но според мене, тие се под поголем притисок. Ние сме пред нив на табелата и тоа може многу да влијае. мора да ја искористиме нивната нервоза“, рече Шехи.