Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри е презадоволен од пласманот на неговиот тим во полуфиналето во Лигата на Европа, а вчерашниот ден беше убав за навивачите и фудбалерите на Старата дама и поради одлуката на италијанскиот суд да ги врати одземените 15 бодови со кои екипата се искачи на третото место на табелата во Серија А.
Јувентус пласманот во полуфиналето во Лигата на Европа го обезбеди откако во Лисабон одигра 1:1 против Спортинг, а на првиот меч во Торино славеше со 1:0.
„Добар ден, одиме понатаму иако имавме проблеми. Но, на стартот од второто полувреме, направивме неколку добри работи, а исто така мораме да бидеме подобри во реализацијата. Знавме дека ќе биде тешко,а сега имаме и 15 бодови кои ни се вратени во Серија А. Сега ќе се фокусираме токму на Серија А бидејќи во последните четири меча, загубивме на три и мора да обезбедиме пласман меѓу најдобрите четири“, изјави Алегри.
Јувентус во полуфиналето во Лигата на Европа ќе игра против Севилја која го елиминира Манчестер јунајтед, откако во реваншот славеше со 3:0.