Јувентус синоќа направи нешто што никогаш претходно во клупската историја во мечевите од Лигата на шампионите не успеал да го направи. Го елиминираше противникот, иако на првиот меч на гостински терен загуби со 2-0. „Старата дама“ донесе голема радост на своите навивачи во Торино, откако со 3-0 го победи Атлетико Мадрид и тоа беше доволно за пласман во четвртфиналето од елитното натпреварување на УЕФА.
Иако сите беа воодушевени од играта на Јувентус и победата во која не му дозволија на Атлетико ниту да се понадева дека може да даде гол, тренерот на италијанскиот првак е малку и критичен.
„Не одигравме перфектен меч, но најважно е што останавме фокусирани до самиот крај. Атлетико беше добар, но ќе беше чудно Кристијано Роналдо да го завршеше настапот во ЛШ сезонава само со еден постигнат гол. Роналдо одигра добар меч, а добри беа и останатите играчи. Мислам дека на навивачите им подаривме одлична вечер“, рече Алегри по синоќешната победа.
Алегри вели дека неговиот тим не е фаворит за трофејот во ЛШ, но со нетрпение ја чека ждрепката в петок, кога Јувентус ќе го дознае ривалот за во четвртфиналето.