Алегри: Јувентус е како Синер, а Интер е како Ѓоковиќ

Јувентус и Интер викендов ќе ја продолжат трката во борбата за првото место во италијанската Серија А. Старата дама денеска е домаќин на Емполи, а Интер утре ќе гостува кај Фиорентина. Моментално Јуве е лидер со 52 бодови од 21 натпревари, а Интер има 51 бодови од 20 одиграни средби. Единствено друг кој може да се вмеша во оваа трка за Скудетото е Милан кој е трет со 45 бодови. Сите останати клубови имаат заостанување поголемо од 15 бодови.

Во Италија во моментов владее еуфорија по победата на Синер против Ѓоковиќ во полуфиналето на Австралија опен, па тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри доби за задача да направи споредба меѓу Јувентус и Интер со тениските ѕвезди.

„Честитки за Синер кој одигра одличен меч. Тој има светла иднина, а тоа го покажа и со играта против легендарниот Ѓоковиќ. Ако треба да направам споредба, ние сме помлади па затоа ние сме Синер, а Интер се како Ѓоковиќ“, рече Алегри во споредбата која требаше да ја направи.

Интер и Јувентус ќе играат меѓусебе на 4 февруари на „Џузепе Меаца“, но Алегри вели дека сега воопшто не размислува за тој меч, туку е фокусиран само за дуелот против Емполи.

„Емполи знае да биде незгоден ривал. Имаат квалитет и играат добар фудбал. Ќе биде важно да ја задржиме стабилноста“, додаде тренерот на Јувентус во пресрет на дуелот против Емполи.

- Оглас -

Најнови вести