На екипата на Јувентус вчера ѝ се случија две катастрофи. Пред мечот со Емполи ја добија информацијата дека му се одземени 10 бода, а потоа следуваше и поразот од 4-1. Старата дама најверојатно нема да игра во Лигата на шампионите следната сезона бидејќи има само теоретски шанси за тоа, а тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри, вели дека тие и покрај сè, се втори на табелата според прикажаното на теренот.
„Сакам да истакнам една работа. Јувентус е втор на табелата, тоа го заслуживме на теренот. Прифаќаме сè, но навистина се надевам дека ова ќе се реши еднаш засекогаш. Само нека одлучат каде го сакаат Јувентус, да ни кажат и да го решат проблемот. Тоа е недостаток на почит кон луѓе коишто работат, играчите и тренерите. Не им кажувам што да одлучат, само барам да одлучат еднаш засекогаш. Тоа е неверојатно. Едноставно неверојатно. Што е премногу, премногу е! Сега можеме само да се надеваме дека ќе ја започнеме следната сезона знаејќи каква е ситуацијата. Посакувам да ни кажеа пред два месеца каква е казната и дали ќе бидеме ‘избодени или отруени’, затоа што тогаш барем нешто ќе знаевме.“