Откако се појавија шпекулации дека Милан би сакал да го ангажира Максимилијано Алегри на тренерската функција, се јави менторот на Алегри, Џовани Галеоне, кој чувствува дека поранешниот тренер на Јувентус „никогаш“ нема да се врати во Старата дама, но верува дека е можно да прифати втор мандат во Милано.
Алегри го водеше Милан од 2010 до 2014 година, со Росонерите освои една титула во Серија А во 2011 година.
Тој е без клуб од минатиот мај, кога доби отказ од Јувентус по освојувањето на Купот на Италија. Алегри го водеше Јуве од 2014 до 2019 и од 2021 до 2024, и освои пет титули првак на Италија, имаше и две финалиња на Лигата на шампионите.
Група навивачи на Бјанконерите викендов го скандираа неговото име по тешкиот пораз од 0-4 против Аталанта.
Сепак, менторот на Алегри, Галеоне, ја отфрли можноста за враќање на популарниот Макс во гигантот од Торино.
„Алегри никогаш нема да се врати во Јувентус. Повеќе верувам дека би се согласил да се врати во Милан, но за во Јуве не верувам дека такво нешто може да се случи“, изјави блискиот пријател на Алегри.