По 11 години пауза, Масимилијано Алегри се врати во Милан. Италијанскиот стратег потпиша двегодишен договор со Росонерите, а денеска ги започнува подготовките за новата сезона.
„Среќен сум што сум тука пред вас. Денеска започнуваме една нова авантура и за мене ова е голем предизвик. Возбуден сум и едвај чекам да започнеме. Моја работа ќе биде да ги доведам фудбалерите да бидат во најдобра форма, да бидат обединети и здружени. Милан има одличен тим. Мислам дека првите шест месеци ќе бидат најважни, а клучно ќе биде да се подготвиме за тоа што ќе следува и од март па до крајот на сезоната“, рече Алегри.
Искусниот стратег откри дека доволно било само еден час за да се договори и да ја прифати понудата да застане на чело на Милан.
„Милан секогаш мора да игра најдобро и да се бори за трофеи. Мора да го вратиме Милан таму кај што му е местото, а тоа е во Лига на шампиони. Имав состанок со Таре и Фурлани и само за еден час се договоривме. Првиот меч ќе го имаме на 17 август во Купот и тоа е нокаут дуел, па мора да бидеме подготовени“, вели Алегри, кој додаде дека главното засилување во летниот преоден рок, Лука Модриќ ќе се приклучи на тимот веднаш по завршување на Светското клупско првенство на кое игра со Реал Мадрид.