Со дури пет нерешени резултати во првите девет кола во Серија А, Јувентус се најде на шест бода заостанување зад лидерот Милан. Старата дама попладнево го очекува нов предизвик и тоа во градското дерби против Торино. Јувентус има шест победи во последните седум средби со соседот, а под притисок е дека денеска мора да ги освои трите бода.
Масимилијано Алегри кој до пред неколку месеци беше тренер на Јувентус вели дека Кристијано Роналдо ја прави разликата на теренот, затоа што е ментално многу силен како фудбалер.
„Во текот на кариерата тренирав многу добри играчи, ментално силни. Тука би ги наброил дефанзивците Кјелини и Неста, играчите за врска Гатузо и Седорф, како и Ибрахимовиќ и Роналдо од напаѓачите. Овој последниот е врвот на менталната сила на еден фудбалер. Затоа Роналдо се разликува од останатите. освои пет Златни топки, пет пати беше освојувач на Лигата на шампиони, а го освои и Европското првенство. Многу е тешко да се стигне до такви постигнувања, а тој секоја година има нова цел“, анализира Алегри.