Интер и Јувентус одиграа драматичен натпревар од Супер купот на Италија, кој беше решен во последните секунди од екстра времето.
Алексис Санчес е херојот на Интер кој постигна гол во 121-вата минута, со што донесе голема радост на стадионот „Џузепе Меаца“, а тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри, даде интересна изјава по финишот на средбата.
„Фудбалот е измислен од ѓаволот. Ова беше добар натпревар, вистински тест за нас за да видиме каде сме и што сме, но понекогаш мислам дека оваа игра е измислена од ѓаволот.
Направивме наивна грешка на пет секунди до крајот на средбата, но игравме против најсилниот тим во Италија и покажавме дека и ние имаме доста позитивни работи со коишто треба да се гордееме.
Ова беше добра лекција за остатокот од сезоната и се надевам дека играчите ќе бидат уште поспремни на психички план за тоа што нè очекува во Серија А, но и во Лигата на шампионите“, изјави Алегри.
Во наредното коло од Серија А, Јуве за два дена на свој терен го пречекува Илија Несторовски со неговиот тим Удинезе.