15.8 C
Skopje
недела, 4 јануари 2026

Алегри: Рано е да се зборува за Скудетото

Фудбалерите на Милан синоќа со многу мака го совладаа Каљари на гостински терен со 0-1 во 18. коло на италијанската Серија А.

Тимот на Масимилијано Алегри, иако со напор, ја оправда улогата на фаворит и со овој триумф привремено се врати на врвот на табелата. Милан сега има 38 поени, два повеќе од Интер и четири повеќе од Наполи, од кои има натпревар повеќе.

По натпреварот, Алегри нагласи дека е прерано да се зборува за борба за Скудетото и дека примарна цел на тимот е да продолжи со добри резултати и да обезбеди место меѓу првите четири екипи во Серија А.

„Добро работиме и имам група технички квалитетни играчи со извонредни физички способности. Сепак, мораме да напредуваме во одредени ситуации на теренот и за време на натпреварите“, изјави Алегри.

Тој посебно го потенцираше дефанзивниот напредок на тимот, потсетувајќи дека Милан во последните два меча не прими гол, што го гледа како знак за поголема организација и ментална зрелост на екипата.

„Во последните два натпревари не примивме гол и делувавме многу поуредно. Тоа покажува дека тимот ментално созрева, но сè уште има простор за напредок“, додаде Алегри.

Говорејќи за амбициите во продолжението на сезоната, тој истакна дека моментно најважни се бодовите и континуитетот во играта.

„За Скудетото нема потреба да се зборува. Мораме да освојуваме бодови, да се бориме за место меѓу првите четири и, најважно, во март да влеземе во најдобра можна форма“, заклучи Алегри.

- Оглас -

Најнови вести