Најтрофејниот италијански клуб Јувентус одлично ја започна новата сезона во Серија А. Старата дама победи на три меча, а имаше само едно реми, па со 10 бода е на второто место, веднаш зад Интер, кој е единствен тим со перфектен учинок.
Јувентус утре гостува кај Сасуоло, противник од кого загуби на последниот нивен меч, одигран во април оваа година. Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри, вели дека треба да се смири еуфоријата и да не се бара „голема одмазда“ поради тој пораз.
„Во овој момент треба да го подигнеме нашиот фокус бидејќи има премногу еуфорија наоколу. Ова е само петти меч сезонава. Сасуоло во последните неколку мечеви покажа дека знае да биде опасен ривал. Мора да одиграме тактичко-технички одличен меч. Мора да ја тргнеме еуфоријата понастрана, затоа што тоа може негативно да ни се одрази“, вели Алегри.
Јувентус сезонава не игра во европските купови на УЕФА, па тоа ќе биде една предност во однос на останатите ривали во трката за Скудетото. Старата дама ќе игра помалку мечеви, распоредот нема да ѝ биде толку тесен и тоа може многу да значи во трката за титулата во Серија А.