Капитенот на Јувентус, Џорџо Кјелини, нема да настапи на гостувањето кај Јанг бојс во последниот меч од групната фаза во Лигата на шампионите. Ова го потврди и тренерот Макс Алегри, а главна причина за неговото отсуство од стартните 11 е синтетичката трева.
Италијанскиот дефанзивец во кариерата често, но и многу лесно се повредува кога игра на вештачка подлога, токму затоа предводникот на „старата дама“ нема да ризикува со него.
„Кјелини дефинитивно нема да биде на теренот. Синтетичката трева е кобна за него, лесно се повредува. Завчера дури и му напоменав да не се шета наоколу премногу. Шанса ќе добие Ругани“, истакна Алегри.
На Јувентус му е потребна победа над Јанг бојс (21 часот) за да го потврди првото место во групата Х, каде што засега е лидер по пет меча со 12 бода, додека втор е Манчестер јунајтед со два бода помалку.