Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри, беше разочаран на начинот на којшто неговиот тим загуби во дербито од Наполи. Стратегот на Старата дама вели дека не му се верува како можело неговите фудбалери да одиграат толку глупаво во ситуацијата по која Наполи постигна гол во 93-тата минута за победа од 1:0.
„Одигравме добар меч, но на крајот примивме глупав гол. Само видете ја ситуацијата, се игра 93-тата минута, а колку малку наши фудбалери имаме во шеснаесетникот. Ова е дел од процесот за тоа како играчите треба да созреат. Наполи е силен тим и е пред освојување на Скудетото. Тоа е тажно за нас, но сепак ние имаме предност во однос на другите кога се работи за борба за трката на првите четири места на табелата. Сѐ уште сме во полуфиналето на Лигата на Европа и дел од Купот на Италија“,
Пред да биде погодокот на Наполи, Јувентус двапати ја погодуваше мрежата на противникот, но погодоците беа поништувани.
„Мора да останеме смирени и да ги прифатиме судиските одлуки како што тоа го правиме секогаш, без разлика дали се тоа добри или лоши. Судијата беше добар и му честитам. За малку ова ќе беше идеална недела за Јувентус. Ни ги вратија 15-те бода, се пласиравме во полуфинале на Лигата на Европа. Остануваме да ја сочуваме предноста пред Милан и Интер и да бидеме во Топ 4 на табелата на крајот, а веќе од следната сезона да размислувам за атак на Скудетото“, рече Алегри.
Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас беше асистент на голот со кој Наполи стигна до трите бода на гостувањето во Торино.