Јувентус ги разочара своите навивачи откако против Нант одигра 1:1 во првиот меч од шеснаесетфиналето на Лигата на Европа. Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри, предвреме си замина од теренот откако главниот судија не досуди пенал за Старата дама во 95-тата минута и покрај очигледното играње со рака на еден противнички играч.
По завршувањето на дуелот, Алегри беше испровоциран од новинарите кога беше запрашан дали згрешил што Јувентус се повлекол по водството од 1:0 наместо да продолжи да напаѓа.
„Секако, не сакам да победуваме само со 1:0. Веќе не можам да ги слушам вашите глупости што ги кажувате. Многу ме налутивте со овие невистини што ги кажувате. Екипите кои сум ги предводел секогаш постигнувале по 70-80 голови, бројките тоа го покажуваат. Секако дека не сакав да го умртвам темпото по нашето водство, никогаш не го правам тоа. Толку пати кажана лага дека мојот стил на игра е да победуваме 1:0 станува вистина по толку многу повторувања. Веќе не можам да го слушам тоа. Погледнете ги бројките кога го водев Милан и Јувентус. Не можам веќе да ја слушам лагата дека Јувентус игра за да победи со 1:0. Јас зборувам со факти“, вели Алегри.
Јувентус сега мора да брка победа во реваншот против Нант во Франција, ако сака да оди во следната фаза од второто по ранг натпреварување на УЕФА.