Македонскиот репрезентативец Александар Трајковски е пред реализација на трансфер во хрватскиот Хајдук. Трајковски летово остана слободен играч и немаше клуб, а според италијанските медиуми Калчомеркато и Тутоспорт, македонскиот голгетер се одлучил да го облече дресот на Хајдук иако имал понуда да биде и дел од тимот на Динамо Загреб.
Трајковски наскоро треба да ги одработи лекарските прегледи и договорот да биде комплетиран. Хрватските медиуми го претставуваат Трајковски како фудбалерот кој двапати беше кобен за Италија. Трајковски го постигна голот за победа од 1:0 во Палермо, во баражот за пласман на СП во Катар, а се присетуваат и на погодокот на гостувањето во Торино кога беше 1:1.
Хрватското првенство е познат терен за македонскиот репрезентативец. Тој беше член на екипата на Интер Запрешиќ кога премина во овој клуб во 2010 година како 17-годишен тинејџер. По овој клуб, Трајковски играше и во Варегем, Мехелен, Палермо, Мајорка, Алборд, а последен клуб му беше саудискиот Ал-Фајха.
За репрезентацијата на Македонија, Трајковски одигра 84 меча во коишто постигна 21 гол, а има и 10 асистенции.