Австралискиот борец со македонско потекло, Александар Волкановски, во 6 часот наутро по средноевропско време, ќе ја брани шампионската титула во ултимејт фајт во перо лесна категорија. Противник на „Александар Велики“ му е Чан Сунг Џунг, познат меѓу фановите како „корејското Зомби“.
На УФЦ 273 настанот во Џексонвил на Флорида во САД, борбата на Волкановски и Џунг ќе биде главна. Нашинецот има 10 победи во 10 борби во УФЦ, а важи за фаворит и против Кореецот.
Волкановски кој има 33 години, требаше по трети пат да се бори со популарниот Макс Халовеј, но некогашниот првак е повреден, па Австралиецот доби друг предизвикувач. Џунг кој е 35-годишен, еднаш веќе имаше неуспешен обид да стане шампион.
На мерењето се покажа дека двајцата имаат иста килажа, но Кореецот е повисок. Кореецот изјави дека Халовеј требало да ја победи против Волкановски во втората борба, па Волкановски тоа ќе го искористи како мотивација.
„Единствен начин некој да ме победи е ако ми упати некаков среќен удар и да ме нокаутира. Чувствувам дека сум подобар од било кој во мојата категорија. Зомбито е опасен, го почитувам, но тој има мали шанси. Ако мисли дека е подобар од мене, нека покаже во октагонот“ – изјави Волкановски.