Алексис Готие со победа во првиот Фјучрс турнир во Скопје

Изминатиов викенд (5 и 6 јуни 2021) се одржаа финалните мечеви од првиот Фјучрс турнир во организација на Тениска Федерација на Северна Македонија (ТФСМ), а во рамките на календарот на Интернационалната тениска федерација (ИТФ). Победници во категоријата двојки беа Мартин Дам од САД и Робин Станек од Чешка, додека пак во поединечна конкуренција победата ја однесе Алексис Готие од Франција.

Во период од 7 до 13 јуни 2021 година, на терените на Тенискиот клуб „Југ“ – Скопје ќе се одржи вториот Фјучрс турнир – дел од Светската тениска турнеја (World Tennis Tour), со награден фонд од 15.000 американски долари.

Во рамките на вториот турнир, учество ќе земат 84-ца тенисери, од кои 60-мина тенисери ќе играат во квалификациите за 8 позиции во главниот турнир, додека 24-ца директно ќе влезат во главниот турнир. Тенисерите кои ќе играат во рамките на турнирите пристигнуваат од 26 земји, и тоа: Италија, Аргентина, Тунис, Франција, Чешка, Бугарија, Словенија, Белгија, Холандија, Црна Гора, Хрватска, Германија, Велика Британија, Австралија, Ирска, Соединетите Американски Држави, Колумбија, Кина, Молдавија, Романија, Русија, Норвешка, Јапонија, Србија, Словачка и Северна Македонија.

Од домашните тенисери, во главниот турнир учество ќе земат Калин Ивановски, Горазд Србљак, Томислав Јотовски, Стефан Мицов, Обрад Марковски, додека пак, во квалификациите ќе учествуваат Берк Бугариќ, Иван Манасов, Шендрит Деари, Фидан Агуши, Дарко Колевски, Стефан Чаловски, Ѓорѓи Јанкуловски, Амар Хусеиновиќ и Борјан Стефановски, кои ќе се борат за влез во главниот турнир.

Финалните натпревари се планирани во сабота, 12 јуни, во двојки, односно недела, 13 јуни, во поединечна конкуренција. Главен судија на турнирот е г-дин Димитрис Сарацидис од Грција, додека директор на турнирот е г. Горан Шевченко.

„Задоволство е да се биде во организацијата на ваков турнир, кој дава вистинска шанса за талентираните тенисери и развојот на нивните кариери. Оваа година имаме одлични тенисери од различни делови од светот, а слободно можам да кажам дека и нашите домашни таленти се и повеќе од подготвени за овој предизвик. Им пожелувам на сите учесници успешни мечеви“, изјави Шевченко.

- Оглас -

Најнови вести