Фудбалскиот прволивгаш Работнички информира дека спогодбено го раскина договорот со шефот на стручниот штаб Ален Тупајиќ. Српскиот стратег го водеше Работнички на трите последни натпревари од есенскиот дел од првенството, во кои екипата претрпе порази.
„Би сакал да му се заблагодарам на ФК Работнички за дадената можност за соработка. Искажувам благодарност до раководството на клубот, фудбалерите и навивачите. Ова беше краток престој, но дадов сѐ од себе со напорна работа да подобриме дел од работите. Не успеавме да најдеме заеднички јазик за продолжување на соработката, но на Работнички му посакувам многу успех во иднина, со надеж дека ќе успее да ги реализира целите и да обезбеди опстанок во елитата оваа сезона“, изјави Ален Тупајиќ за официјалниот сајт на клубот.
Работнички сега ќе мора да најде нов тренер, кој ќе има тешка задача да се обиде да го спаси тимот од испаѓање од Прва лига.

