28.8 C
Skopje
петок, 11 јули 2025

Алфонсо го мина најтешкиот пат од Камп за бегалци до еден чекор од европскиот трон

Алфонсо Дејвис го мина најтешкиот можен животен пат пред 19 години во Кампот за бегалци Будубурам на 30-на километри од Акра, а вечерва има шанса со победа против ПСЖ во Лисабон да си го исполни сонот и да стане европски првак со Баерн.

Моќна порака испраќа приказната на 19-годишното момче, кое изгледа многу моќно на теренот и веќе е еден од најдобрите леви бекови на светот.

Роден е во Гана во кампот за бегалци Будубурам, кога неговите родители побегнале од ужасот на втората граѓанска војна во Либерија.

Родителите Дебоа и Викторија се родум од Монровија, а Алфонсо како четврто дете од вкупно шест е роден во необични услови во засолништето во Гана.

Со неполни пет години со родителите се преселил во Едмонтон, Канада и од 2017 година има и пасош од земјата што го прими со постојано живеалиште.

Потоа се нижат само фудбалски рекорди и успеси. Дејвис стана првиот играч роден во новиот милениум што настапил на меч од МЛС лигата во дресот на Ванкувер.

Со само 17 години и настап на меѓународен меч во јуни 2017 година се уште е најмладиот репрезентативец на Канада во историјата на националниот тим и го држи и рекордот за најмлад стрелец на оваа селекција.

Скаутите на Баерн завршија одлична работа кога го забележаа талентот на левиот бек, кој е и еден од најбрзите фудбалери на планетата.

Баварците го купија во 2018 година и му платија на Ванкувер скромни 13.5 милиони долари што е ниска сума со оглед на квалитетот што го има Дејвис и особено импресивниот развој во кариерата за кус период.

Алфонсо експресно се наметна како еден од главните адути на Баерн, а импресионира со брзината и со квалитетот. Ванкувер може да доби уште десеттина милиони долари како бонуси за Дејвис, а тоа ќе се случи ако вечерва Алфонсо се најде на победничкиот трон во Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести