Алиоски: Ќе играме со Украина како да е финале на Европско првенство

Џани Алиоски брзо го надмина инцидентот со Марко Арнаутовиќ и поразот од Австрија и во негов стил најави дека Македонија оди понатаму и се подготвува за дуелот со Украина во четврток.

„За првпат играме на Европско првенство и искрено уживаме и се радуваме на ваков момент. Горди сме што се боревме до крај против Австрија и штета што не забележавме добар резултат. Имаме време да се одмориме и да одиграме уште подобро на вториот меч со Украина. Ова е специјален меч за двете селекции, се подготвуваме како да е финале на Европско првенство. Верувам во успех и дека ќе останеме во игра за пласман во следниот круг“, вели Алиоски.

За навредите што му ги упати Арнаутовиќ по мечот со Австрија вели дека сега сè е во рацете на УЕФА.

„Со Арнаутовиќ имавме неколку конверзации во текот на мечот и тоа се тие вообичаени моменти во фудбалот. По голот што го постигна, ме навреди, но не можам да кажам што ми кажа. Сега тоа е во доменот на УЕФА. Имаат снимка, имаат видео и тие треба да одлучат. Тоа што го зборувавме на теренот претходно во текот на мечот е вообичаена работа во фудбалот“, објасни Алиоски.

Тој и во четврток од 15 часот овде во Букурешт ќе биде повторно еден од главните наши адути во мечот против Украина, на кој Македонија го очекува и првиот бод, или три на големите натпреварувања.

 

- Оглас -

Најнови вести