Езџан Алиоски, еден од најискусните во македонскиот состав, верува во нов успех против Грузија. Популарниот Џани се присети на историскиот успех од пред речиси две години, но потсети дека тоа е минато и сега мора да се фокусираат за Македонија да одигра уште еден силен меч и да стигне до нов успех.
„Многу добро го знаеме овој стадион. Тука го остваривме сонот. Сега повторно играме за ново постигнување. Знаеме каков е квалитетот на противникот, знаеме дека и атмосферата на трибините ќе биде поинаква од таа пред две години, но навивачите се навивачи, а ние на теренот треба да покажеме кој е подобар тим. Сакаме да оствариме ист резултат како претходниот пат. Поразот кој го претрпевме дома од Грузија пред неколку месеци, многу нè чинеше, тоа не е нашето вистинско лице и тука сме да покажеме дека знаеме да одиграме многу подобро“, рече Алиоски, кој додаде дека самиот настан за националниот тим е посебна мотивација за секој фудбалер да одигра на највисоко ниво.