Алиоски потпиша за Лугано

Македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски се врати во Швајцарија и потпиша договор со прволигашот Лугано. Играјќи за националниот тим на Македонија, Алиоски има 85 настапи и 13 постигнати голови. Новиот договор е со важност до 30 јуни 2027 година, со опција за продолжување и по истекот на предвидениот рок.

За 33-годишниот лев бек ова е добро познато место, тој веќе настапуваше за Лугано во сезоните 2015/16 (18 натпревари, 3 гола) и 2016/17, кога блесна со 36 одиграни натпревари, 16 голови и 14 асистенции, што му обезбеди трансфер во Лидс jунајтед.

По завршувањето на својата авантура во Саудиска Арабија со Ал-Ахли, Алиоски повторно се истакна во дресот на македонската репрезентација, демонстрирајќи лидерство, техника и ефикасност. Неговото богато фудбалско педигре вклучува настапи во Премиер лигата со Лидс јунајтед, како и во турската Суперлига со Фенербахче.

Спортскиот директор на Лугано, Себастијан Пелцер, изјави:


„Ни претставува особено задоволство што повторно го доведовме Езгјан – фудбалер кој со своето искуство и карактер целосно ги отелотворува вредностите и духот на нашиот тим. Неговите технички способности и харизма го прават вистински лидер, како што тоа го покажа со клучното учество во освојувањето на азиската Лига на шампиони со Ал-Ахли. По незаборавните моменти од неговиот прв престој во Лугано, горди сме што започнуваме ново поглавје заедно.“

- Оглас -

Најнови вести