По една и пол година пауза, Езџан Алиоски би можело да заигра на клупска сцена во дресот на саудискиот клуб Ал-Ахли.
Македонскиот репрезентативен лев бек е пријавен само за настап во азиската Лига на шампиони и денеска на гостувањето во Катар кај Ал-Сад ќе биде во составот со шанса да дебитира сезонава.
Алиоски последен пат за Ал-Ахли играше на крајот на август 2023 година. Поради ограничувањата на бројот на странци, тој не е пријавен за настап во саудиската лига, но остана во клубот со којшто има договор.
Во овие година и пол настапуваше само за македонската селекција, а сега конечно би можело пак да заигра и на клупска сцена, и тоа во Лигата на шампионите на Азија, каде што неговиот тим гази добро и има 16 бода од можни 18 по шест одиграни кола.