Алиоски: Трофејот во азиската Лига на шампиони е мојот најголем успех во кариерата

Езгјан Алиоски блескаво го заокружи својот настап во азиската Лига на шампиони, откако со својот клуб Ал-Ахли триумфираше во големото финале против јапонскиот Кавасаки со 2-0 во Џеда, и го освои најпрестижниот трофеј во азискиот клупски фудбал.

Македонскиот репрезентативец, кој беше важна алка во тимот на Ал-Ахли низ целата кампања во азиската ЛШ, не го криеше задоволството и емоциите по освојувањето на титулата.

„Ова е без сомнение најголемиот успех во мојата кариера“, изјави Алиоски за албанскиот „Телеграф“. „Гордо стојам зад сè што сум направил досега и сум бескрајно среќен – за себе, за моето семејство и за сите што беа со мене на овој пат. Трофејот е награда за години посветеност и труд.“

Тој посочи дека играњето покрај врвни ѕвезди му помогнало дополнително да го изрази својот квалитет.


„Во ваков тим се чувствувате посилно, полни со самодоверба и инспирација.“

Алиоски искрено призна дека е тешко да се опишат емоциите кои го преплавиле.
„Навистина, нешто магично, спектакуларно! После тежок период, ова е совршен начин да се вратам и да покажам дека трпението навистина се исплатува. Му благодарам на Бога за оваа шанса и оваа победа“, истакна македонскиот репрезентативец.

Овој триумф претставува нова златна страница во кариерата на Алиоски и дополнително го зацврстува неговиот статус како еден од најуспешните македонски интернационалци.

- Оглас -

Најнови вести