Алисон Бекер: Не сме глупави, нас ништо не нѐ прашуваат, само го зголемуваат бројот на натпревари

Незаменливиот голман на Ливерпул, Алисон Бекер, пред денешниот прв натпревар од новата, редизајнирана Лига на шампиони против Милан, се побуни поради сè поголемиот број натпревари кои фудбалерите ги очекуваат секоја сезона.

Алисон е најновиот во низата врвни фудбалери кои се против новата Лига на шампиони. Новиот формат на Лигата на шампионите предизвика многу врвни фудбалери да протестираат поради зголемениот број натпревари што се додадени во веќе пренатрупаниот календар.


Конкретно, во новата сезона на Лигата на шампионите ќе се играат 189 натпревари наместо досегашните 125. За фудбалерите во основниот, лигачки дел од натпреварувањето, тоа значи дека наместо досегашните шест, ќе играат најмалку осум натпревари.

„За навивачите тоа е неверојатно. Повеќе натпревари, повеќе големи натпревари. За нас играчите секогаш е добра идеја да се додадат некои натпревари во распоредот кој не е зафатен… Малку сум ироничен!“, изјави Алисон.

„Никој не нѐ прашува нас играчите што мислиме за додавањето повеќе натпревари, па можеби нашето мислење и не е важно. Но, сите знаат што мислиме за тоа. Сите сме уморни од тоа. Ова не е прашање на кое само јас треба да одговорам. Потребно е да седнеме заедно и да ги слушнеме сите страни бидејќи разбираме дека постојат медиуми и телевизија, страната на УЕФА и ФИФА, Премиер лига, домашни натпреварувања…“

„Не сме глупави. Разбираме дека луѓето сакаат повеќе натпревари. Но, разумно би било сите, вклучувајќи ги играчите, да се состанат и да се слушнат еден со друг. Многу играчи веќе зборуваа за тоа. Само треба да нè слушнат“, истакна голманот на Ливерпул.

- Оглас -

Најнови вести