Голманот на Ливерпул, Бразилецот Алисон Бекер, откако ја доби наградата „Лав Јашин“ за најдобар светски голман, му се заблагодари и на најдобриот фудбалер, Лионел Меси од Барселона, кого две сезони по ред го елиминираше од Лигата на шампионите со сензационални пресврти.
„Против мене имав феноменални ривали. Верувам дека Господ ми ги испрати овие луѓе за да може да станам уште подобар.Тоа се однесува и за Меси. Може само да напредуваме ако против себе ги имаме најдобрите. Затоа ќе кажам дека Меси многу ми помогна“, изјави Алисон, кој со Рома и Ливерпул примаше четири, односно три гола од Меси и другарите, но потоа на реваншите сепак Барса беше елиминирана.
Алисон, кој годинава стана европски клупски првак со Ливерпул и шампион на Јужна Америка со репрезентацијата на Бразил, титулата најдобар голман ја доби во многу силна конкуренција на Шченсни, Онан, Нојер, Тер Штеген, Облак, Хандановиќ, Кепа Аризабалага, Лорис и Едерсон.