Алкалоид доби бонус од пет милиони денари од Министерството за спорт

Само уште 60 минути го делат тимот на Алкалоид од освојување на историски европски трофеј. Во првиот меч од финалето на Европскиот куп на ЕХФ, Алкалоид со 29:25 славеше на гости кај АЕК во Атина.

Убедливата игра и победата од четири гола треба да биде потврдена на реваншот кој в недела ќе се игра во салата „Борис Трајковски“. Министеството за спорт не чека конечна разврска по втората средба, туку одлучи Алкалоид за досега постигнатиот успех да биде награден со пет милиони денари.„Награда за РК Алкалоид за пласман во финалето на ЕХФ купот и достојно претставување на Македонија надвор од нашите граници“, напиша министерот за спорт, Борко Ристовски. 

Реваншот кој ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје е закажан за в недела, со почеток во 20.30 часот. Билетите од вчера се распродадени.

Алкалоид ќе се обиде да стане третиот македонски клуб кој стигнал до европска титула и да му се приклучи на Вардар, кој има две европски титули, и Кометал Ѓорче Петров со еден европски трофеј во женската ЛШ.

- Оглас -

Најнови вести