Алкалоид вечер против атински АЕК игра за пехар, за историја, за Македонија

Алкалоид вечерва од 20.30 часот во полниот „Борис Трајковски“ против атински АЕК игра меч кој ќе влезе во историјата на македонскиот ракомет.

Фармацевтите имаат прилика која не смее да ја испуштат, им треба победа, реми, или пораз до три гола разлика за да станат првиот македонски клуб кој го освоил ЕХФ Европскиот куп, трето по квалитет клупско натпреварување во Европа, што би било најголем успех за нашиот машки ракомет после оние две титули на Вардар во Лигата на шампионите.

Првиот меч во Атина покажа дека Алкалоид е подобар тим, но денеска треба да се потврди тоа и да не се подлегнува на евентуалните провокации на Грците кои според најавите ќе имаат и околу 200 свои фанови.

На Мартин Серафимов му требаат девет голови за да биде прв стрелец во Европскиот куп, но секако на прво место и кај бекот е тимот, а не неговиот личен учинок.

Алкалоид објави соопштение во кое информира дека влезовите на СЦ „Борис Трајковски“ ќе бидат отворени во 18.45 часот и ќе се затворат во 20 часот!
„Се молат сите посетители да дојдат во сала навремено, со цел да се избегне метеж при влезот, како и при стандардната проверка на билетите! Се гледаме во сала! Заедно да го бодриме нашиот тим коректно и достоинствено, да уживаме во ракометниот празник и да навиваме за РК Алкалоид“, порача од клубот.
- Оглас -

Најнови вести