Шпанскиот тенисер Карлос Алкарас се пласираше во финалето на Мастерс турнирот во Монте Карло, откако во полуфиналето го совлада домашниот претставник Валентин Вашеро со 6-4, 6-4.
Првиот светски рекет до победата стигна по 85 минути игра, во меч во кој ги искористи клучните моменти и постојано ја држеше контролата врз резултатот во двата сета. Алкарас вкупно трипати му го одзеде сервисот на противникот, додека Вашеро успеа да реализира една брејк-топка.
Во првиот сет, Шпанецот направи рано решавачки брејк и таа предност ја одржа до самиот крај. Вториот сет донесе поголема неизвесност, бидејќи домашниот тенисер возврати по изгубениот сервис, но при 4-4, Алкарас повторно направи брејк и рутински го заврши мечот.
Во финалето, Алкарас ќе се соочи со вториот светски рекет, Италијанецот Јаник Синер, во меч кој има дополнителна тежина, затоа што победникот од понеделник ќе биде на првото место на АТП ранг-листата.

