Шпанскиот тенисер Карлос Алкарас, кој ја има улогата на прв носител на турнирот во Пекинг, Кина, се надева дека ќе успее годинава да ја заврши на првото место на АТП ранг-листата, кое сега го држи Новак Ѓоковиќ.
Алкарас по поразот во полуфиналето на последниот годинешен гренслем-турнир, Отвореното првенство на САД, го загуби првото место на АТП ранг-листата, заостанува 3.260 бодови зад Ѓоковиќ. Тој се надева дека со учество на сите големи турнири ќе успее да ја надомести негативата бидејќи Новак планира да настапи само на турнирот од серијата Мастерс 1000, кој ќе се игра во Париз.
„Една од главните цели ми е да бидам на првото место на АТП ранг-листата и затоа до крајот на годината ќе играм на големите турнири и ќе се обидам да победам. Новак одигра одлично на турнирите во САД и за да се вратам на врвот, ќе морам да играм со голема мотивација. Тоа постојано го имам на ум, и на тренинзите и на настапите на секој турнир“, изјави Алкарас.