Тениската сезона е заокружена, а на првото место на АТП-листата годината ја завршува Шпанецот Карлос Алкарас со 12.050 поени, односно 550 повеќе од второпласираниот Италијанец Јаник Синер, од кого загуби во финалето на завршниот турнир во Торино.
На третото место на ранкингот останува Германецот Александер Зверев со 5.160 поени.
Новак Ѓоковиќ одлучи да не настапи на завршниот АТП-турнир во Торино и сезоната ја заврши како четврти тенисер во светот со 4.830 поени.
Канаѓанецот Феликс Оже-Алијасим по пласманот во полуфиналето на турнирот во Торино се искачи од осмото на петтото место и го оствари својот најдобар пласман во кариерата. Американецот Бен Шелтон падна од петтото на деветтото место, додека Италијанецот Лоренцо Музети напредува за едно место и сега е осми тенисер во светот.

