Алкарас: Не знам што се случи, морам да продолжам да работам

Карлос Алкарас го заврши настапот на Отвореното првенство на Австралија во четвртфиналето. Младиот Шпанец загуби од Александер Зверев и не ја исполни целта, а тоа е да стигне до финалето. Пласманот во четвртфиналето е најдобар пласман за Алкарас во Мелбурн ако се знае дека минатата сезона не настапи, а во претходните две сезони не поминуваше повеќе од третото коло.

„Четвртфинале на гранслем не е тоа што го очекував во Мелбурн, но сепак ова не е лош резултат. Мило ми е што успеав во третиот сет да се вратам во игра, но потоа беше незгодно на стартот од четвртиот сет. Не го одржав истото ниво на игра. Не ги искористив моите шанси. Имав мнгоу падови во играта. Не знам што се случи, дури и не сервирав добро“, анализира Алкарас по поразот.

Младиот Шпанец вели дека овој пораз нема да биде демотивирачки за него и дека ќе продолжи уште повеќе да работи и да се подобрува.

„Морам да продолжам да работам и да напредувам. Ова беше добар турнир и затоа не сум тажен. Имам само 20 години и морам да напредувам. Кога бев помлад, имав уште повеќе падови во играта и се надевам дека во иднина тие осцилации уште повеќе ќе ги намалам. Зверев одигра одличен меч, а не можам да објаснам што ми се случи мене“, заврши Алкарас.

- Оглас -

Најнови вести