Еден од најдобрите тенисери на денешницата, Карлос Алкарас, доживеа шокантен пораз од Ботик ван де Зандшлуп уште во второто коло на Отвореното првенство на САД. По натпреварот зборуваше за неочекуваниот пораз, но доби и прашање дали поразот од Новак Ѓоковиќ во финалето на Олимписките игри во Париз има влијание на лошата игра.
„Мислам дека не. Не мислев на тоа. Ми беше тешко затоа што бев блиску до златниот медал, но само еден час подоцна сфатив што направив. Сфатив дека освоив сребрен медал. Тоа е голем успех и навистина сум горд на тоа. Не мислам веќе на тоа. Можам да кажам дека тоа не влијаеше на мене“, рече Алкарас.