Карлос Алкарас не успеа да спои два освоени трофеи на земјена подлога. Откако славеше на Мастерс 1000 турнирот во Монте Карло, Алкарас вчера загуби во финалето на турнирот во Барселона. Иако ја имаше фаворитската улога, Алкарас на крајот загуби од Холгер Руне со 6:7 и 2:6.
По поразот, Алкарас се осврна на легендарниот шпански тенисер Рафаел Надал, кој повеќе од една деценија доминираше на турнирите кои се играа на земјена подлога.
„Од мојата сегашна перспектива, можам целосно да се поклонам на се тоа што Рафаел го правеше со години. Дури кога сте максимално во овој спорт и го преживувате сето тоа што ја носи играта, можете да сфатите што има остварено Надал. Ми изгледа нереално дека успевал да доминира од недела во недела, од година во година. За такви успеси морате да бидете стоотсто подготвени од секој аспект. Секоја чест за него“, рече Алкарас по поразот во финалето во Барселона. Шпанецот моментално е на третото место на АТП листата.
Во историјата на тенисот ниту еден играч нема доминирано како што тоа го правеше Надал кога се работеше за игра на земјена подлога. Освен што има рекордни 14 титули на Ролан Гарос, Надал има и многу успеси на останатите турнири на оваа подлога. Дури 11 пати го освојуваше Мастерс 1000 турнирот во Монте Карло, а на турнирот во Рим победуваше 10 пати. На АТП 500 турнирот во Барселона доминираше дури 12 години.
Следниот предизвик за најдобрите тенисери е Мастерсот во Мадрид.