Шпанскиот тенисер Карлос Алкарас сака да се врати на првото место на АТП-листата и смисли план како да го направи тоа во следниот период.
Најдобриот светски тенисер и моментно број 1 на АТП-листата, Новак Ѓоковиќ, нема да игра на многу турнири до крајот на годината, ќе одмора до ноември, и тука Алкарас ја гледа својата шанса. Србинот ќе игра на Мастерсот во Париз, каде што лани беше финалист и брани многу поени, а потоа му следува и завршниот Мастерс во Торино и завршницата на Дејвис купот во Малага.
Алкарас, кој е втор на АТП-листата, кон крајот на месецов ќе игра во Пекинг (турнир кој Ѓоковиќ го освојувал шестпати, но последен пат играше таму во 2015 година), потоа во Шангај на почетокот на октомври, а планира да се појави и на Мастерсот во Париз и на завршниот Мастерс.
Лани Алкарас поради повреда пропушти најголем дел од сезоната по Отвореното првенство на САД, а сега ќе игра повеќе од Ѓоковиќ, па на четирите турнири нема да брани многу поени (брани само четвртфинале во Париз и полуфинале во Базел, што се 360 поени) и ќе има прилика со добри резултати да собере доволно поени за да се искачи на првото место.