Шпанскиот тенисер кој е моментно светски рекет број 3, Карлос Алкараз, откри дека еден од најболните порази во кариерата му бил оној минатото лето од Србинот Новак Ѓоковиќ во финалето на Олимписките игри во Париз.
Во мечот за злато, 21-годишниот Шпанец загуби од 37-годишниот Ѓоковиќ со 6-7, 6-7 и по поразот не можеше да ги задржи солзите.
„Тоа беше тежок момент бидејќи освојувањето на златниот олимписки медал беше моја цел од самиот почеток на годината. Чувствував дека морам да го сторам ова. На 10-15 минути по поразот ми беше тешко да сфатам сè. Се чувствував како да ги разочарав мојата земја и шпанскиот народ со тоа што не го освоив златниот медал што сите го чекаа“, изјави Алкараз.