Алкохол јунајтед – тим составен од 11-мина фудбалери алкохоличари

Многу познати фудбалери имаат талент, популарност, пари, но сето тоа го упропастија поради љубовта кон алкохолот. Интернет сајтот „Lord of the drinks“ направи листа од 11 најдобри фудбалери кои постојано бараа „уште една чашка“.

Прв на листата е легендарниот Бразилец Гаринча, двоен светски првак. Тој во 1962 речиси сам им ја донесе титулата на Бразилците, по повредата на Пеле. Игрите на тој Мундијал се споредуваа со играта на Марадона на СП 1986 година. Но, Гаринча, татко на 14 деца, за кои е потврдено дека се негови, премногу пиеше, па почина во 1983 година како 50-годишен алкохоличар и бездомник кој живееше во тешка сиромаштија.

Број 2 на листата е Џорџ Бест. Најпознатиот син на Северна Ирска, за многумина е најдобар фудбалер во историјата на Велика Британија, а тој од топката, повеќе ги сакаше пабовите. Живееше како што играше – брзо, непредвидливо, диво. Не ги штедеше противниците, но ниту самиот себеси. Почина пред 15 години, не го спаси ни трансплантацијата на црниот дроб. „Многу пари потрошив на пијачки, жени и коли. Остатокот брзо го трошев на глупости“, рече Бест.

Авантурите на Англичанецот Пол Гаскоњ уште се раскажуваат, тој им е добро познат и на помладите генерации. Тој уште е жив, а да не беше алкохолот, којзнае до каде ќе стигнеше. Беше најталентиран англиски играч на преминот од 80-тите во 90-тите години. Имаше и обид за самоубиство.

Место во идеалниот тим на пијаници има и Ласло Кубала, Унгарецот кој играше за Чехословачка и Шпанија. Во средината на 50-тите беше договорен со Реал Мадрид, но со измама го однесоа во Барселона. Таму се снајде супер, има и споменик пред „Камп ноу“. Тие што го гледале, велат дека добро жонглирал и со топка и со шише.

На листата се наоѓа и Диего Марадона, иако на аргентинската „десетка“ најпознат порок му е кокаинот. Некогашниот капитен на Арсенал, Тони Адамс, е до него, а славен фудбалер кој умре како последица од алкохолот беше Сократес. Популарниот бразилски Доктор почина во 2011 година.

Роман Широков не е најголем алкохоличар меѓу руските фудбалери, но секако е најпознат.

Листата ја комплетираат Џими Гривс, потоа Бразилецот Адријано и Украинецот Артем Милевски. Ниту Адријано го надмина Роналдо, ниту Милевски беше идниот Шевченко. Милевски има 35 години и уште игра фудбал, и тоа во Динамо Брест во белоруската лига која е во тек. Вотката и жените му беа поинтересни од фудбалот.

- Оглас -

Најнови вести