3.8 C
Skopje
среда, 3 декември 2025

Алонсо: Долго е првенството, работите може уште многупати да се променат

Реал Мадрид нанижа три нерешени дуели во првенството на Шпанија, што значеше и губење на челната позиција на табелата. Тренерот Чаби Алонсо е под притисок, не само поради серијата дуели без победа, туку и поради нарушената атмосфера во соблекувалната, каде што неколкумина фудбалери предводени од Винисиус јуниор покажаа незадоволство од стратегот.

Кралскиот клуб вечерва гостува во Билбао кај Атлетик, а Алонсо го опиша натпреварот како судир со традиционална дерби-атмосфера и објасни дека од неговите играчи се бара да бидат во најдобра форма.

„Ова е класично дерби од Лигата и секогаш има одлична атмосфера. Мора да дејствуваме со многу енергија и концентрација. Зборуваме за фудбал, за единство, за тоа што да се подобри за да бидеме поконзистентни. Тоа е она што нè загрижува. Сакаме да ја прекинеме негативната низа на гостински терен и овој натпревар е одлична можност“, вели Алонсо.

Тренерот вели дека постојано е во контакт со челниците на клубот и дека има добра комуникација.

„Повторно разговарав со претседателот, разговорот беше во добар тон. Има уште многу до крајот на сезоната. Сè е израмнето и сè уште има многу време. Ситуацијата може да се промени многупати. Тешко ни е да победиме на гостински терен, но овојпат можеме да го направиме тоа. Очекувањата од Реал секогаш се високи“, додаде Алонсо.

- Оглас -

Најнови вести