Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ и техничкиот директор на ФФМ, Ѓорги Христов му посакаа добредојде во „Куќата на фудбалот” на Аљоша Асановиќ, легендарниот фудбалер од бронзената генерација (1998) на Хрватска, денес во улога УЕФА консултант задолжен за развој на млади елитни фудбалери.
„Посетата на нашиот пријател Аљоша ја нагласува посветеноста на УЕФА за поддршка на развојот на младите фудбалери, зајакнување на односите со нашиот оддел за младински фудбал и доказ за важноста да се инвестира во младите, осигурувајќи дека ги добиваат правите насоки и можностите за напредок. Ова е, исто така, одлична можност да ги инспирираме нашите фудбалери од Академијата на ФФМ и да ги подобриме нашите програми. Поддршката на УЕФА е непроценлива за развој на оваа категорија фудбалери”, рече првиот ловек на ФФМ.
Асановиќ е задоволен од тоа што го видел.
„Гледам нови ветришта во македонската федерација, се надевам на блиска соработка наскоро со сите вас, посебно со Ѓорги Христов, затоа што јас знам дека за развој на фудбалот во Македонија е еден од најдобрите. Го запознав претседателот, гледам дека е енергичен, сака напредок во фудбалот и тоа е добар знак за македонскиот фудбал да се крене, бидејќи има таленти. Ова е поднебје каде што има таленти, само треба да се најдат вистинските луѓе за тоа. Убеден сум дека тоа е правиот пат за македонскиот фудбал. Едноставно гледам голема енергија и она што е важно, имате знаење и продолжете понатаму“, порача Асановиќ.
Според техничкиот директор Христов, Асановиќ не случајно е одговорно лице на УЕФА бидејќи има знаење и искуство.
„Јас се чувствувам слободен и нема да се срамам во секој момент да ја побарам помошта од Асановиќ и неговиот тим за сè што е поврзано за развој на младите, бидејќи тоа нас ни е клучно. Ќе почнеме од најмладите, од генерацијата 2012, што треба веќе на лето да ја селектираме. Заедно да направиме еден систем кои ќе го следат многу генерации во иднина“, рече Христов.