Македонскиот ракометен првак Вардар отпатува во Задар, каде што утре ќе игра во полуфинале на регионалната СЕХА-лига. Црвено-црните се рекордери со пет титули и актуелни бранители на тронот. Малку фалеше Вардар да не се пласира на завршницата, откако во последниот меч на свој терен загуби од Нексе со еден разлика. Благодарение на победата во првиот меч на гости, со повеќе дадени погодоци на туѓ терен, Вардар се пласира во полуфиналето.
„По поразот од Нексе, кој за нас беше како победа, Господ нè погледна и сакаше да бидеме учесници на овој фајнфор по деветти пат. Направивме добра анализа за сè што одработивме до мечот со Нексе и мислам дека тој дуел со Нексе е една голема опомена за сите нас за тоа дека Вардар е Вардар и секогаш треба да биде Вардар. Меѓутоа, играчкиот кадар и сè она што е ново во Вардар ни дава право против никого предвреме да не бидеме прогласени за фаворити. Имаме деветмина нови играчи, играчи коишто треба допрва треба да се вклопат во системот на игра и во она што беше препознатливо за Вардар во изминативе години“, вели Алушовски.
Противник во полуфиналето на Вардарци ќе им е добро познатиот ривал Загреб. Алушoвски очекува многу неизвесен меч, и тоа до самиот финиш.
„Нè очекува фајнлфор во Задар, во полуфиналето против екипата на Загреб, којашто исто не се прослави многу на мечевите во подготвителен период. Еден меч, балканско дерби, коешто години наназад се игра на топка-две, без разлика какви се составите на екипите. Свесни сме, ги анализиравме, се подготвивме добро за мечот со Загреб. Потоа ќе видиме, ако влеземе во финале, ќе се подготвуваме за финалето. Вардар од ден во ден оди во нагорна линија според тоа што го гледам на тренинзите. Овој фајнлфор да биде успешна увертира за тоа што ни престои во ЛШ на 16 септември, а тоа е првиот меч против Мешков Брест, којшто исто е учесник на Ф4“, заклучи стратегот на Вардар пред утрешното полуфинале во Задар.