Вардарци утревечер во „Јане Сандански“ го пречекуваат Нексе од 20.15 часот со пренос на МРТВ. Натпреварот ќе се игра без публика. На првиот меч во Нашице во март, Вардар 1961 победи со 31-30.
Скопските Црвено-црни се редовни учесници на фајнал-форите и се надеваат дека традицијата ќе продолжи. Победникот на овој натпревар во Скопје, во полуфиналето на СЕХА во Задар за ривал ќе го има ППД Загреб. Капитенот Стојанче Стоилов ќе го пропушти натпреварот во Скопје поради вирусот Ковид-19.
„Од тој состав што играше во март во Нашице, сега ни недостасуваат неколку важни играчи, а имаме осум нови играчи. Ние ја подигнавме формата во однос на она од Струга и на пријателските дуели со Еурофарм Пелистер и Металург. Имаме предност од еден гол и тој би требало да ни биде доволен за да се пласираме на Ф4. Спортот се игра за публиката и затоа полошо се чувствуваме кога сме пред празни трибини“ – вели Алушовски.
Голманот Борко Ристовски предупредува дека Нексе е незгоден тим.
„Ништо не гарантира победата од првиот меч. Ние сме екипа во создавање, тие се долго време заедно. Треба да бидеме претпазливи, нема да биде лесно. Тие играат 7 на 6, ќе имам доста работа за одбраната и голманите. Ќе треба доста работи да завршиме, но зависи од нас. Не смее да се промашува од чисти позиции, мислам дека играчите што сега ги има Вардар знаат како да ја наместат формата“ – најавува Борко.