Македонскиот ракометен првак Вардар1961 утрово отпатува за Нашице, Хрватска, каде утре ќе игра против Нексе, во рамките од СЕХА лига. Поради повреди, Црвено-црните отпатуваа без Стојанче Стоилов, Ловро Јотиќ, Патрик Валчак
и Димитар Димитриоски, а во Хрватска, на тимот треба да се приклучи Иван Чупиќ кој беше со репрезентацијата на Хрватска на ЕХФ репрезентативната недела.
По три одиграни меча, Вардар има шест бода, додека Нексе е со шест бода од четири натпревари. Пред месец и пол, нашиот првак минимално со 27:26 го победи Нексе во „Јане Сандански“, а сега Хрватите ќе сакаат реванш. Вo изминативе неколку години овие два тима одиграле 20 мечеви, а Вардар е многу поуспешен со 15 победи, додека Нексе се радувал само четири пати, а еднаш било нерешено.
„Нѐ очекува добро познат противник против кого сме играле многупати досега. Ни следува период после ЕХФ неделата и настап во репрезентација и ни недостасуваат некои играчи. Веднаш патуваме, во среда играме. Немаме многу време. Го анализиравме тој меч што го игравме во февруари. Сигурно ќе биде тешко. Ниту еден меч со Нексе не е лесен. Ќе одиме на победа, зошто сакаме и подобро да бидеме пласирани на табелата. Нексе има нов тренер, малку имаат сменето во играта, во одбрана и напад, но горе – доле тоа е истата екипа“, вели крилниот играч на Вардар, Гоце Георгиевски.
Тренерот Стевче Алушовски вели дека во изминатиов период не можел да одработи нормален тренинг поради недостаток на многу репрезентативци.
„Тоа ќе биде меч што доаѓа во незгоден момент. Во ЕХФ репрезентативната недела имавме само 7 играчи и два голмани, и не можевме многу да работиме на тренинг. Имаме проблеми со повредени играчи: Стоилов, Валчак, Димитриоски, Јотиќ. Ќе бидеме со редуциран состав и одиме кај Нексе. Начинот на игра на Нексе не е сменет, променето е само начин на транзиција, мали детали во прашање. Анализиравме и знаеме што е добро. Поразлично е дека помалку играат 7 на 6 со новиот трнер. Ние сме подготвени на се што не чека. Ќе одиме со 13 играчи и 3 голмани и ќе се обидеме да се вратиме како победници“, вели Алушовски.