Бразилскиот фудбалер Дани Алвес од безбедносни причини е префрлен во нов притвор откако беше обвинет за сексуален напад, соопштија денеска шпанските власти.
Новиот центар за притвор има „помали станбени единици“ во кои е полесно да се гарантира безбедноста на притворените.
Властите соопштија дека обвинението за кое се товари Алвес не било земено предвид при одлуката за негово префрлање.
Алвес помина три ноќи во друг објект во којшто има 200 затвореници, а новиот објект има капацитет од 80 места, вклучувајќи осудени затвореници и оние кои чекаат судење.
Се очекува 39-годишниот бразилски фудбалер да биде сместен во ќелија со уште еден затвореник.
Алвес беше обвинет од 23-годишна жена за сексуален напад кој се случил на крајот на декември минатата година во ноќен клуб во Барселона.
Откако заврши сослушувањето на девојката и на Алвес, судијата кој го води спорот му одреди притвор на фудбалерот без можност за кауција. Алвес ги отфрли сите обвиненија.