П’лзењ против Рома без својата амајлија, ама барем ќе го нема „џелатот“ Џеко

Марек Бакош е амајлијата на П’лзењ во европските купови и тој е единствениот играч на актуелниот чешки првак што бил во составот на четирите различни ростери, кога тимот успевал да се најде во фазата по групи во Лигата на шампионите или во Лигата на Европа.

И Марек сè уште е играч на П’лзењ, со моментален престој во Трнава, во редовите на Спартак, како позајмен играч и нема да може да помогне да се забележи успех кој гарантира настап во нокаут-фазата во Лигата на Европа.

П’лзењ ќе мора без него да го најде рецептот за да ја надигра Рома бидејќи со победа вечерва, од 18.55 часот, на „Досан арената“ како домаќини Чесите ќе си обезбедат понатамошно учество во вториот европски куп, Лигата на Европа. Шансите за продолжување во Лигата на шампионите се пропуштени во претходните настапи со Реал Мадрид, Рома и ЦСКА Москва, но за Лигата на Европа постојат.

П’лзењ има еднаков број бодови, четири, како и ЦСКА Москва, но има подобар меѓусебен скор и ако ја победи Рома, ќе игра во Лигата на Европа.

„Верувам дека П’лзењ ќе успее да обезбеди настап во Лигата на Европа. Имаат искуство за да се справат со ваков предизвик, игрите и резултатите во последно време ветуваат добар резултат, а секако дека и јас ќе се радувам ако моите поранешни соиграчи ја победат Рома“, вели Бакош.

Отсуството на амајлијата е хендикеп за П’лзењ, но голем плус е што кај Рома ќе го нема Един Џеко. Човекот кој е вистински кошмар за чешкиот тим и против нив има постигнато голови за сите екипи за кои настапувал.

Босанскиот репрезентативец нема да игра поради повреда, а секогаш го торпедирал голот на П’лзењ и има постигнато 9 гола на досегашните 8 меча против нив, вклучувајќи два хет-трика како играч на Рома. Еден гол му даде на П’лзењ како фудбалер на Теплице во чешкото првенство и уште два како играч на Манчестер сити.

 

- Оглас -

Најнови вести